Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

На пат кон Вратница

Скопје, 14 август 2001

За време на последните судири во Македонија, многу заедници се најдоа опкружени од “другата страна”, којашто го ограничува нивното движење, им го оневозможува снабдувањето и ефективно ги отсекува од остатокот од земјата. Овие услови доведоа до сериозно влошување на хуманитарната состојба за илјадници луѓе во овие подрачја. Обезбедувањето хуманитарна помош за овие подрачја е еден од приоритетите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), партнер на АЦТ Интернационал.

Веќе неколку месеци, Липково и Шипковица, кадешто дејствува т.н. ОНА, се опкружени и отсечени од македонските безбедносни сили. Од јули во обратна состојба се најде Вратница, подрачје контролирано од македонските безбедносни сили, а опкружено од т.н. ОНА.

Во почетокот на август, Вратница стана новиот приоритет за хуманитарна интервенција. Вратница е општина во којашто живеат околу пет илјади жители во шест села, со речиси подеднаков број етнички Албанци и Македонци. Општината се наоѓа на крајот на патот Тетово-Јажинце и се граничи со Косово. Патот Тетово - Јажинце е линија на судир меѓу северно од патот поставената т.н. ОНА и јужно од патот позиционираните македонски безбедносни сили. Општината беше отсечена од остатокот од земјата повеќе од четири недели. Населението апелираше за помош. Меѓународниот комитет на црвениот крст кон крајот на јули сметаше дека не е безбедно да се достави помош до Вратница. Сепак последниот ден од јули, симболична помош, со поддршка од Координативното тело за справување со кризи (КТСК) на Вла­дата на Македонија, успеа да стигне во Вратница.

Тоа го охрабри МЦМС да организира хуманитарен конвој за Вратница. По тридневни подготовки, беше добиено одобрение од сите вклучени страни. МЦМС за безбедноста на конвојот стапи во координација со Центарот за упра­ву­вање со кризата (оперативното тело на КТСК), Мониторинг мисијата на Европската унија (ЕУММ) и ОБСЕ. Беше обезбедена точна спецификација на помошта, како и список на возила и персонал во придружба. МЦМС можеше да тргне.

Тоа се случи на 4 август, кога пет камиони со четириесет тони помош, во основни прехранбени продукти, зеленчук и хигиенски продукти, се упати кон Вратница и Јажинце. Конвојот од МЦМС го водевме јас и Александар Кржаловски, координатор за хуманитарните активности. Конвојот го следеа три телевизиски тима, вклучувајки и националната МТВ. Непосредно пред Тетово на хуманитарниот конвој се придружија ЕУММ и ОБСЕ. Сегундо Мартинез, водачот на тимот на ЕУММ, потврди дека патот Тетово - Јажинце е прооден.

Одевме кон центарот на Тетово, а потоа кон фудбалскиот стадион. Тоа е почетокот на патот за Тетово - Јажинце и тука е последниот пункт на полицијата. По неколку стотини метри влегуваме во Порој и Џепчиште, упоришта на т.н. ОНА. Владее чуден мир.
По неколку километри стигнуваме до нашата прва дестинација, селото Лешок. Ова етнички македонско село беше иселено од т.н. ОНА во борбите од 23 и 24 јули, но со примирјето околу педесетина возрасни мажи и жени се вратија назад. Ним им доставивме леб, бидејки жителите се плашат да одат во продавниците во соседните села населени со етнички Албанци. Продолживме понатаму. Го поминавме Теарце, каде десетина дена пред тоа се водеа најжестоки борби, и каде веднаш по борбите беше првата средба на преставници на двете етнички групи во обид да постигнат меѓусебни гаранции за безбедност.

Поминавме повеќе од половина од патот. Се течеше во ред. Околу 12 часот, одеднадеж на околу стотина метри пред конвојот забележавме блокада на патот од трактори. Веднаш застанавме. Барикадата се засилуваше со цивилно население, жени и деца. За неколку минути имаше околу 150 цивили кои го попречуваа патот. За десетина минути пристигнаа и транспаренти. Нешто подоцна разбравме дека сме пред селото Доброште, етнички албанско, две села пред нашата цел - Вратница.

Од возилото на ЕУММ, кое возеше пред нас и беше прво, излегоа набљудувачите и се упатија кон барикадата. Започнаа разговори со луѓето кое го блокираа патот. Разговорите траеа околу еден час. Населението вели дека е незадоволно бидејки помошта не е наменета за нив, туку за Вратница која “нема потреба од помош“. Во меѓувреме во блокадата се најдоа и два патнички автобуси. Ситуацијата изгледа безнадежна и очекуваме да се вратиме назад. Околу вториот час дојде вест дека ќе пристигне “главниот” најверојатно на т.н. ОНА. Главниот се појави, а со него и триесетина млади вооружени лица без ознаки. Тие отпрво и се трудеа да сокријат дека се вооружени, но потоа не. Главниот бара да изврши претрес на конвојот. Тимот на ЕУММ не извести дека овие луѓе немаат право на претрес, но дека тие, ако се нашето место, не би се спротивставувале на вооружени луѓе. ЕУММ издејствува претресот да се врши во нивно присуство. Беше претресено и моето возило. Гледајки ги флопи дисковите, мојот претресувач ме прашува “Зошто ти се, што имаш на нив”, но не го дочекува мојот одговор дека тие се за мојот дигитален фото апарат. Тој продолжи “ти си или мајор или полковник во македонската војска, ве познавам јас вас, служев девет месеци во неа”. Не наогајки ништо во возилото повторно се врати кон мене “зошто не носите помош за Шипковица”. Мојот обид да одговорам повторно остана неислушан. Слична на последната реплика имал и Александар, но со главниот. Сето време снимаа две локални телевизии на албански јазик, додека нам не ни беше дозволено да фотографираме. Локалните телевизии се интересираа само за изјавите на оние што го блокираа патот. Воопшто не беа заинтересирани да не слушнат нас.

По еден час претрес, ја добиваме конечната одлука - мора да се вратиме назад. До вечерта следат реакции на нашето искуство. Тодор Петров, лидер на Светскиот македонски конгрес, се закани со реваншизам и блокирање на хуманитарна помош за етничките Албанци. Проодноста и безбедноста на патот Тетово - Јажинце гарантирана со последното примерје влегува во фокусот. Борис Трајковски, Престедател на Републиката, издава наредба за офанзивни дејствија за обезбедување на патот. Утредената “Факти”, дневен весник на албански јазик, открива дека блокадата на конвојот е бидејки помошта за Шипковица нема одобрение од македонските власти. Пораката е дури нема помош за Шипковица, нема да има помош ни за Вратница. Следи одговор на заканата на Тодор Петров, со нова закана за прекин на водоснадбувањето од Липковско Езеро, под контрола на т.н. ОНА, за Куманово, град со 100,000 жители.
Сето ова покажува дека хуманитарната помош стана дел од судирот. Ескалацијата продолжува со зголемување на страдањето на цивилното население. За таа да се прекине, беше неопходно да се оствари првобитниот чекор - пристигнување на помошта до Вратница. Овој чекор би можел да доведе до деблокада на Шипковица, до подобрување на безбедноста на патот Тетово - Јажинце и би можел да придонесе во градењето на меѓусебната доверба.

На 7 август, повторно го формиравме нашиот конвој на бензинската пумпа непосредно пред Тетово. На конвојот се придружија и претставници на КТСК, ЕУММ, ОБСЕ, и НАТО. Не се сигурни за безбедноста бидејки претходната ноќ се воделе борби во близина на патот кај селото Непроштено, кое се наоѓа на самиот пат. Започнуваат консултации. Времето поминува, расте нервозата. Притисокот е зголемен и од присутните десетина новинарски тимови. Настанот е во центарот на вниманието на македонската јавност. Сите телевизии имаат извештаи во сите вести. Околу 15 часот се добиваат гаранции и конвојот е спремен да се врати. Сепак, неизвесноста беше доволно голема за половина од возачите на камиони да одбијат да продолжат. Конвојот тргна кон Вратница, преполовен, но сепак со најбитниот дел - основните прехранбени продукти. Се движиме по истиот пат како и претходниот пат. Пред нас се движат претставници на ОБСЕ, НАТО и КТСК. Во Џепчиште, не престигнува едно возило, кое го попречува патот на колоната. Многу брзо патот го попречува и трактор, а луѓето од возилото ги повикуваат луѓето од блиските чајџилници. Повторно цивилна блокада. За десетина минути пристигнува Бедредин Ибраими, министер за труд и социјална политика, член на Демократската партија на Албанците од Тетово. Повторно преговори. Овој пат трајат кратко и завршуваат неуспешно. По половина час конвојот се врти и се подготвува да се врати назад. Се приближи еден џип. Го препознав “главниот” од претходната блокада. Го бара Сегундо Мартинез, водач на ЕУММ тимот. Се повлекуваат и разговаат десетина минути. Подоцна новинарите тврдеа дека тоа е командант Даут Реџепи на т.н. ОНА. Мартинез не известува дека т.н. ОНА ќе го пропушти конвојот. Нивното барање да го предводат конвојот е одбиено, но сепак гарантираат за безбедноста. Конечно добра вест. Брзаме кон Вратница. Блиску е ноќта, а треба да се вратиме пред тоа.

Стигнуваме до Вратница. Се качуваме по тесните селски улички кон селскиот центар. А таму стотици луѓе не пречекуваат. Како и тракторите кои треба да ја пренесат помошта до останатите села. Јас испорачувам неколку лични пакети кои ги испраќаат пријатели и роднини од Скопје. По краткото поздравување го забрзуваме истоварот. Велат помошта пристигнала во последен момент бидејки локалната продавница е празна, а повеќето семејства се со еден до два дена залихи на храна. Новинарските и телевизиските екипи бележат и тргнуваат низ селото во потрега по лични стории. А нив ги имаше доволно и на плоштадот. Ми приоѓаат разни луѓе со нивните проблеми или едноставно да прозборат. Еден возрасен човек, замолува да се приклучи со конвојот назад, бидејки има жена со вграден пејсмејкер, а во селото нема доктор. Набргу доаѓа докторот. Тоа е стоматолог кој сега ја врши задачата на доктор. Му помага еден студент на медицина, кој во селото се затекнал за време на студентските одмори. Нема намера да го напушти селото. Исто како и двајца повозрасни луѓе. Тие велат дека се државјани на САД, на одмор во родното место, како и други од бројните иселеници од овој крај, но не се враќаат назад додека не се врати безбедноста и мирот во селото. Но има и кои поинаку мислат. Еден триесетгодишник со наведната глава прашува дали може да ги пренесеме во Скопје неговите две ќерки, едната пет години, а втората пет месеци стара, и неговата сопруга. “Јас ќе останам” вели тој и бара неговото семејство да ни се придружи на крај на селото. Срам му е и сака неговите соседи да не го видат тоа.

Еден камион придружен од моите колеги Александар Кржаловски и Грамоз Шабани, и тимот на НАТО се упатува понатаму во Јажинце, етнички албанско село. Таму Александар го бара Мусо, локалниот контакт кој треба да ја прими помошта. Луѓето од НАТО велат дека селскиот лидер не сака да ја прими помошта. Александар го наоѓа во селската чајџилница, заедно со група сомничави селани. Му вели добар ден на албански, а Грамоз им проговорува на албански. Луѓето малку се отвораат и велат оти мислеле дека нема да добијат помош или дека таа ќе биде само симболична.

Околу 19 часот завршени се сите работи и брзаме да формираме конвој и да тргнеме назад кон Тетово, а потоа и кон Скопје. Во Тетово пристигаме со првата темница. Возилата со новинари забрзуваат кон Скопје за да ги испратат своите извештаи. Ние застанавме повторно на истата бензинска станица од каде тргнавме. Непријатно изненадување: Еден од возачите на камионите ни вели дека е пукано врз него на враќање на 3 км од Вратница, во близина на селото Одри. За среќа куршумот завршил во маската на камионот. Расположението го враќа назад самиот возач, кој вели дека ова не е ништо во споредба на неговото искуство кога се затекнал со својот камион во Басра, Ирак за време на Заливската војна. Кај сите настапува релаксација и радост за успешно завршената задача.

Сашо Клековски
П.С. Една недела подоцна, на 13 август, по еден неуспешен обид пристигна и првиот хуманитарен конвој во Шипковица. Конвојот е организиран од Ел Хилал. МЦМС и Ел Хилал се договорија за натамошни заеднички конвои во подрачјата со ограничен пристап.

1.The convoy at the petrol station outside Tetovo
2.Saso Klekovski in front of the convoy
3.Aleksandar Krzhalovski in final consultations
4.Blocked road at Dzepchishte
5.EUMM in conversation with Commander Daut Redzepi
6.The local store in Vratnica - its shelves have been emptied long ago
7.Aid arrives in Vratnica
8.Local elderly people observe
9.The EUMM team rests between engagements
10.Tractors waiting to deliver the aid to the surrounding villages
11.Aleksandar Krzhalovski and Segundo Martinez, EUMM in Jazhince
12.The bullet ended up in the bonnet of the truck
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)
[сите фотографии, освен број 5, сликани од Филип Антовски]


Back to Main Menu